Кои се најголеми трговски партнери на земјава?

43

Земјава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, од јануари до септември оваа година, најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.

Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, според кои вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 4.788.561.000 евра и бележи пораст од 13,2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.150.568.000 евра, што е за 11,4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 1.362.007.000 евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2019 година, изнесува 77,9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Фото: Pixabay