Кои се вашите права од осигурување при прекин на работен однос?

635

При прекин на работен однос имате право на паричен надоместок. Право за паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато, односно 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.

Барање за паричен надоместок

Барањето се поднесува во Центарот за вработување во местото на живеење на невработеното лице, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос. Доколку барањето се поднесе по истекот на рокот, паричниот надоместок се исплатува од денот на поднесување на барањето за преостанатиот период. Паричен надоместок не се исплатува доколку барањето е поднесено по истекот на времето за кое следува истиот.

Висина на паричниот надоместок

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци, паричниот надоместок за првите 12 месеци изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата. Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.

Продолжување на паричниот надоместок

Паричниот надоместок продолжува да се исплатува и по истекот на времето:

  • на жена за време на бременост и породување и
  • ако Агенцијата го упати невработеното лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.

Кој не може да оствари право на паричен надоместок

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал поради:

  • давање писмена изјава за престанок на работниот однос (освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак);
  • спогодбен престанок на работен однос;
  • остварува права од работен однос спротивно на закон;
  • престанок на работен однос по сила на закон (освен во случај на престанок на правното лице поради стечај);
  • отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина;
  • одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
  • одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавец;
  • одбивање обука, преквалификација или доквалификација;
  • губење на работната способност, согласно прописите за пензиското и инвалидското осигурување
  • исполнување услови за остварување право на пензија.

Невработеното лице нема да може да оствари право на паричен надоместок, а доколку е корисник на паричен надоместок, ова право ќе му престане доколку:

  • основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
  • врши занаетчиска, односно професионална дејност.

Време за кое се исплатува паричниот надоместок

Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.

Невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настанувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок. Значи, невработеното лице кое има над 60 години и шест месеци возраст (жена), односно 62 години и шест месеци возраст (маж) и над 15 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок, (за овие невработени лица не се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување).