Кои земји чуваат најмногу девизни резерви?

34

Фото: Pixabay

Светот во 2018 година располагаше со ликвидни резерви во висина од 11 илјади милијарди долари, додека на Кина отпаѓаат 26,23% од вкупните резерви, чија вредност надминува три илјади милијарди долари (3.091.881 милиони долари).

Зад Кина во топ пет се најдоа овие земји:

  • Јапонија – 1,2 илјади милијарди долари (1.238.934 милиони долари) и 10,51%,
  • Швајцарија – 744.166 милиони долари, што е 6,31% од вкупните резерви,
  • Саудиска Арабија – 496.156 милиони долари или 4,21%,
  • Тајван – 461.784 милиони долари односно 3,92%.

Од земјите од регионот, Турција е 27-ма земја со 72.866 милиони долари девизни резерви или 0,62% од светските резерви. Бугарија е 52-ра во светот со 27.044 милиони долари ликвидни резерви, Хрватска е три позиции подолу со 19,9 милијарди долари. Србија со 12 милијарди долари и 0,10% учество во вкупните резерви се најде на 66-то место, додека Босна и Херцеговина со 6,6 милијарди долари е 79-та во светски рамки. Државните резерви на Албанија достигнаа 3,8 милијарди долари и е 95-та земја, додека зад неа е Северна Македонија со три милијарди долари или 0,03% од вкупните резерви во светот со што се позиционираше на 102-ро место. Грција е зад нас две позиции со ликвидни резерви “тешки“ 2,9 милијарди долари. Црна Гора е 118-та со 1,2 милијарди долари резерви, а Косово се најде на 123-то место со 881 милион долари. Словенија е 126-та земја во светот со 802 милиони долари ликвидни резерви.

Од вкупно 162 земји, петте земји што го “допреа“ дното се: Бурунди (66,8 милиони долари), Ангила (65,5 милиони долари), Монтсерат (50 милиони долари), Екваторијална Гвинеја (48,93 милиони долари) и Сао Томе и Принципе (43,6 милиони долари).

Девизните резерви претставуваат средства што ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од нејзина страна, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Порталот howmuch.net направи листа на земји кои имаат најголеми резерви, изземајќи го државното злато.