Кои земји извезуваат најмногу мед?

121

Добро знаеме дека биодиверзитетот во светот ќе доживее тотален колапс ако ги снема пчелите. Загрижува фактот што бројот на пчели се намалува, па затоа на национално и глобално ниво мора да се преземат долгорочни мерки.

Во меѓувреме, правиме анализа на земји кои се најголеми извозници на ова “течно“ злато, што има безброј бенефити за здравјето на луѓето.

На глобално ниво, извозот на мед минатата година беше на ниво од околу две милијарди долари.

Кина се издвојува како најголем извозник на мед, чија вредност лани достигна 249 милиони долари. Вицешампионското место е резервирано за Нов Зеланд со извоз вреден 245,2 милиони долари, додека Аргентина е трета земја во светот по извоз на мед (175 милиони долари).

Во првата петорка – топ извозници на мед се и: Германија со извоз “тежок“ 140,5 милиони долари и Мексико со 120,4 милиони долари.

Од земјите во регионот, најдобро е позиционирана Бугарија, 16-та од над 125 земји во светот, со извоз на мед од околу 42 милиони долари, потоа следи Турција на 22-ро место со извоз вреден 25,7 милиони долари. Грција е 25-та со извоз на мед од околу 18 милиони долари, Србија е шест позиции подолу со извоз од 12 милиони долари. Словенија и Хрватска се 51-ва, односно 53-та со извезен мед во вредност од 2,7 односно 2,2 милиони долари. Земјава во текот на 2018-та година извезла мед во вредност од околу 660.000 долари, со што е 64-та во светски рамки. Извозот на мед на Босна и Херцеговина лани достигна 100.000 долари, додека Албанија инкасираше 32.000 долари од извоз на мед.

Фото: Pixabay