Кои земји најмногу извезуваат, а кои увезуваат тикви во светот?

273

Тиквите претставуваат здрава намирница и треба да бидат често застапени во исхраната, особено во текот на есента. Во овој период, односно на 31-ви октомври, САД го слават Денот на вештерките, каде меѓу главните симболи се токму тиквите.

Според анализата на World’s top exports, извозот на тикви минатата година достигна 1,2 милијарди долари, а околу 1,3 милијарди долари беше увозот.

Шпанија со 411 милиони долари е топ извозник на тикви во светот. Во првите пет влегуваат и: Мексико (347 милиони долари), САД (62 милиони долари), Холандија (60 милиони долари) и Италија (43 милиони долари).

Од земјите во регионот, најголем извозник на тикви е Бугарија, од каде лани се извезени тикви во вредност од 1,2 милиони долари. Две места подолу, односно на 40-та позиција се најде Албанија со извоз од еден милион долари. Потоа следуваат: Хрватска (930.000 долари), Словенија (831.000 долари), Грција (480.000 долари), Србија (220.000 долари), Босна и Херцеговина (84.000 долари). Од Македонија лани е реализиран извоз на тикви во висина од само 26.000 долари.

На страната на увозот, пак, лидер се САД, со увоз на тикви вредни 414 милиони долари. Освен САД, топ пет најголеми увозници на тикви се и: Франција (172 милиони долари), Германија (145 милиони долари), Велика Британија (104 милиони долари) и Јапонија (78 милиони долари).

Од регионот, најголем увоз, како и извоз, има Бугарија – 5,1 милиони долари. Хрватска минатата година увезла тикви во вредност од 4,2 милиони долари, додека тој износ во Словенија е 3,5 милиони долари. Потоа следуваат: Грција (2,3 милиони долари), Србија (1,8 милиони долари), Босна и Херцеговина (783.000 долари) и Црна Гора (283.000 долари).

Во Македонија минатата година се увезени тикви во вредност од 230.000 долари.

Фото: Pixabay