Американскиот милијардер Мајкл Блумберг, вети дека ќе ја продаде својата компанија за обработка на финансиски податоци и медиуми Bloomberg, ако стане претседател на САД.
Се поставува прашањето кој би можел да ја купи оваа компанија, со оглед на нејзината вредност. Тоа очигледно ќе мора да биде некој со длабок џеб, на пример финансиски конзорциум, некоја од водечките технолошки компании или некој од најбогатите луѓе во светот.
Најблизок конкурент на Bloomberg е Refinitiv (поранешна членка на групацијата Thomson-Reuters) којшто минатото лето беше продаден на Лондонската берза за 27 милијарди долари.
Според Wall Street Journal, кандидати за купување на Bloomberg би можеле да бидат големите берзи ако соберат доволно пари. Тука се споменуваат CME Group, којашто има пазарна вредност од 75 милијарди долари и Intercontinental Exchange којашто неодамна понуди 35 милијарди долари за eBay, а самата вреди 53 милијарди долари.
Фондовите клучни играчи
Друга можност би била една од големите технолошки гиганти како Microsoft, Amazon или Alphabet.
Според аналитичарката на Nucleus Research, Барбара Пек, најверојатна опција е создавање на конзорциум на компании, односно фондови коишто управуваат со приватен капитал, а кој би бил најголем во историјата.
Сигурни приходи
Bloomberg имаше околу 10 милијарди долари приход во 2019 година. Компанијата нуди вести и финансиски податоци за своите 325.000 клиенти, од кои секој плаќа фиксна цена од 24.000 долари годишно.
Основачот на компанијата, Мајкл Блумберг учествува во трката за американски претседател и рече дека ќе ја продаде компанијата за да избегне судир на интереси ако победи на изборите во ноеври годинава.
Фото: Pixabay