Кој е Бернанд Арно?

446

Онаму каде што се спомнуваат Џеф Безос и Бил Гејтс, Бернард Арно по инерција ги следи. Станува збор за 71-годишниот француски милијардер “тежок“ 109,6 милијарди долари, кој е на чело на групацијата од луксузни брендови LVMH.

Освен што е најбогат во Европа, Арно се дружи само моќници, а меѓу неговите добри пријатели се вбројуваат Николас Саркози, Емануел Макрон, Тони Блер, Роџер Федерер…

Неговите први наивни чекори во претприемништвото ги направи во северниот дел на Франција, но ништо не наговестувало дека еден ден ќе биде дел од светската елита. Прва љубов на Арно му била музиката, но за кратко време сфатил дека нема доволно талент за да стане успешен пијанист и затоа решил да стане дел од градежната компанија на неговиот татко.

На 25 години, како што раскажал за Forbes, ја презел семејната компанија и се преселил во САД за да отвори претставништво. Сонувал неговата компанија да се развива и да се шири на меѓународно ниво, па почнал да работи на остварување. Десет години подоцна сфаќа дека градежништвото му е “претесно“, разговарајќи со таксист во Њујорк, кој му рекол дека никогаш не слушнал за францускиот претседател Жорж Помпиду, но добро знае кој е Кристијан Диор. Арно за тој момент вели дека тоа раѓање на идејата за неговата империја.

Основата на LVMH се смета банкротираната текстилна компанија Boussac, којашто Арно ја купи од француските власти, во чија сопственост бил и брендот Dior, што му била главна инспирација на милијардерот. Иако ветил дека ќе го заживее брендот и ќе ги сочува сите работни места, Арно отпушта 9.000 работници и заработи 500 милиони долари од продажба на сите брендови, освен Dior. Овие пари тој ќе ги вложи во преземање на други брендови.

Следен плен му била групацијата LVMH во која тоа време беа Louis Vuitton, Moet& Chandon и Hennessy. Арно направил “стратегија“ со која ги испокарал шефовите на брендовите меѓу себе и во тајност ја презел групацијата. Поради ваквиот потег, Арно го добива прекарот “волк во капут од кашмир“. Откако ја презел LVMH, Арно потроши милијарда долари за преземање на водечки европски модни брендови. Денес под негова “диригентска палка“ се: Dior, Louis Vuitton, Fendi, Celine, Pucci, Marc Jacobs, Hennessy, Dom Perignon, Bulgari, TAG Heuer, Sephora…

Арно многу се потпира на сопствениот инстинкт, атмосферата што владее во местото каде што треба да отвори нов бутик и слично. Во една прилика, Арно донел одлука да затвори Louis Vuitton продавница во Флорида бидејќи сметал дека продавниците и рестораните во близина не биле доволно луксузни за да може таму да се најде негов бренд.

На прашањето зошто брендовите Louis Vuitton и Dior се толку многу успешни, Арно вели: “Можеби се тоа контрадикторни аспекти, но нивниот успех е поради тоа што тие се безвремени и современи, како оган и вода“.

За новинари во една прилика открил како му почнува денот. “Секое утро размислувам за тоа како секој бренд да биде посакуван и за 10 години. Тоа е клуч на нашиот успех“, вели Арно кој станува во 6:30, слушајќи класична музика додека ги прелистува вестите и им испраќа мејлови на директорите на неговите брендови.

За викенд има навика да ги посетува бутиците каде што издава наредби за преуредување на нивните излози. Во едно утро може да посети 25 бутици, не само од своите, туку и на конкурентните. Арно има и навика со својот приватен авион да отпатува на некое далечно место и таму да провери каква е ситуацијата со неговите брендови.

Најбогатиот Европеец, инаку несуден пијанист и тенисер, од своите деца како подарок за роденден добил прилика да игра против Роџер Федерер. Во бизнис светот, Арно важи за немилосрден човек, кој вели дека парите не му се приоритет, но има завидна колекција од уметнички дела, недвижнини, јахта од 150 милиони долари…

Фото: Facebook