Кој е против развојот на адвокатурата и давање на квалитетни правни услуги?

21

Секојдневно ги слушаме изразите „правна држава“, „владеење на правото“, „некорумпирано судство“, „независна судска власт“ итн. Ова се најупотребувани термини во Извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Дали е можно Македонија да биде правна држава, во неа да владее правото, да има независно судство, граѓаните да се сигурни во судскиот систем и да му веруваат?! Одговорот е НЕ!!! Следно прашање: Зошто? Затоа што има слаба, немоќна, неорганизирана и несигурна Адвокатура. Битна алка, а можеби и најбитна во структурата на правниот систем е Адвокатурата. Како е можно да имаме добар правен систем, кога најбитната алка е слаба?! НИКАКО!!! Епа сега доколку сакаме нешто да направиме и имаме сериозна намера Македонија да биде правна држава во која ќе владее правото, треба сериозно да се работи на развој на Адвокатурата и јакнење на нејзината улога во структурата на правниот систем.

Последниве неколку години не само што не се посветува внимание на развојот на Адвокатурата, туку напротив нејзината улога се повеќе ослабува и никогаш не била во полоша состојба. Кој придонесе и придонесува за слабеење на улогата на Адвокатурата?! Одговорот е следен: Прво, некои лоши законски решенија – како на пример енормно високи судски такси. За некој да поднесе тужба пред суд, со цел да си ги заштити своите права, треба да плати судска такса за тужба што достигнува дури до 45.000,00 денари. Исто толку треба да плати и за судска такса за одлука, а не дај Боже првостепената пресуда да биде на негова штета, па да треба да плати и такса за жалба, која е дупло од таксата за тужба, и може да достигне до 90.000,00 денари. Значи некој да се осмели да си ги бара своите права во судска постапка, треба да спреми 180.000,00 денари (3.000 евра). Кој ги има овие пари во Македонија?! Никој!!! А згора на тоа, никој не може да му вети дека ќе успее во спорот. Што значи дека граѓаните/фирмите со започнување на една судска постапка се впуштаат во една авантура која ги чини многу пари.

Потоа, лошо законско решение е и сметководители да вршат основање на фирми. Па кога било ова… Сметководител да основа фирма, и од каде е ова видено/преземено?! Сметководителот ли ќе состави договор за основање на фирмата и ќе ги регулира надлежностите на органите на управување, правата на содружниците и сл. Па луѓе, некој се едуцирал и го вложил целиот свој професионален ангажман во корпоративно управување и што сега, ништо, таа работа како од шала се стави во надлежност на сметководителите.

Не сакам да бидам погрешно разбрана, однапред им се извинувам на сметководителите, и немам ништо против нив, напротив многу ги почитувам, туку имам против лошите законски решенија. БРАВО за сметководителите, си се изборија луѓето за своите права, и сега секоја фирма мора да има вработено сметководител или да има склучено договор за сметководствени услуги. УААА за правниците, а посебно адвокатите и нивната асоцијација. Не успеаја да се изборат ни за елементарните нивни права. Епа луѓе, така не се прави правна држава, така се прави сметководствена држава. Зошто е ова вака, одговорот е јасен. Единствено нешто што на мене никако не може да ми стане јасно е кој е интересот на адвокатите од ваквата состојба. Штом е вака како што е, сигурно и адвокатите имаат интерес, инаку би промениле нешто. Или пак, клучот на сите тајни го има нивната асоцијација, Адвокатската комора.

Ќе завршам со тоа дека во последнава година се случија промени во Адвокатската комора, но какви? Се смени раководството, а друго ништо ново не се случи за Адвокатурата. Таа се повеќе и повеќе тоне.

Автор на текстот: Данче Чакаровска
Адвокатска канцеларија Чакаровска

Фото:Pixabay