Кој е “татко“ на биткоинот?

141

Скоро да нема ден, а да не се појави вест поврзана со биткоинот, дали му се зголемила вредноста или Маск решил да инвестира милијарди во ова виртуелно средство што им го помати умот на многу инвеститори.

Сигурно се прашувате кој стои зад неговото создавање? Во светот кружи името Сатоши Накамото, но тоа не име на еден човек, туку се верува дека зад него се крие едно или повеќе лица чиј идентитет не е познат.

Сега веќе далечната 2008-ма година е објавен таканаречен white paper, под официјален наслов: Bitcoin: Peer-to-peer систем за електронска готовина. Станува збор за нова и децентрализирана peer-to-peer мрежа којашто може да следи и верификува трансакции, а во исто време спречува повторно трошење на истите пари и создава потранспарентна евиденција што може да се верификува лесно во реално време. Системот дава можност да се заобиколи потребата од посредници, како што се банки и други финансиски институции.

Биткоинот е познат по својата волатилност, а за да дојде до вредност од над 50.000 долари денес, имал скромен почеток од само 0,003 долари во март 2010 година.

За многумина биткоинот е спој на логика и мистерија. Првата доаѓа од математика и криптографија, а мистериозноста е поради неговото непредвидливо движење.

Инаку, биткоин е назив за два термина, доколку е со мала буква – ја означува самата валута, а со голема буква е назив за информатичката мрежа преку којашто bitcoin може да функционира, односно го претставува системот за плаќање. Овој вид на пари, како и оние во традиционална форма, се користат како средство за размена на производи и услуги. Но, за разлика од “обичните“ пари, крипто валутите се шифрираат. Тоа се прави бидејќи секоја дигитална информација може лесно да се размножи, измени и многу едноставно да се манипулира со нејзе.

Blockchain е сложена база на податоци, односно во себе ги содржи сите направени трансакции и ги дели податоците меѓу сите страни што учествуваат во системот базиран на Bitcoin протокол. Сè се чува во мрежата на серверот што се однесува како база на податоци, па секој сервер ги има сите податоци за трансакциите. Кај “обичните“ пари, конвенционалната мрежа е базирана на централизирана мрежа, каде главни учесници се авторитативни центри, како што се банки или државни агенции. Кај крипто валутите не постојат банки или државни агенции што стојат зад нив. Постојат одредени учесници во мрежата што се нарекуваат валидатори, чија задача е да ја проверуваат секоја трансакција и истата да ја одобрат или одбијат.

Комплетната база на податоци на blockchain ги содржи сите трансакции што се извршени со овој вид на валута. Овој сложен систем може да се објасни на следниот начин: лицето А сака да испрати пари до лицето Б. Трансакцијата се испраќа во мрежата во облик на нов таканаречен блок. Блокот се дистрибуира на сите кои се на мрежата. Сите членови проверуваат дали трансакцијата е исправна. Потоа, блокот се додава во ланецот на сите останати блокови и станува транспарентен податок. На тој начин, парите се пренесуваат на лицето Б.

Фото: Pexels