Кој стои зад највредната компанија во светот?

73

Највредна компанија во светот е нафтениот гигант од Саудиска Арабија, Saudi Aramco, којашто го привлече вниманието на јавноста откако почна да се котира на берза и достигна вредност од околу две илјади милијарди долари.

Оваа компанија е во државна сопственост, односно е дел од огромното богатство на кралското семејство на Саудиска Арабија. Престолонаследник на огромната империја е Мохамед бин Салман Ал Сауд, кој има 34 години, а на престолот ќе се искачи по смртта на неговиот татко – 83-годишниот Салман би Абдул Азиз ал Сауд.

Принцот Мохамед е познат по огромното трошење. Тој поседува јахта од 500 милиони долари, француски замок вреден 300 милиони долари и уметнички дела од Леонардо да Винчи од 450 милиони долари. Се проценува дека саудиското кралско семејство, како што пренесува Business Insider, коешто има околу 15.000 членови, вреди над 1,4 илјади милијарди долари.

Принцот Мохамед дипломирал право на Универзитетот King Saud, што е најстар Универзитет во Саудиска Арабија. Откако дипломирал, работел во неколку државни компании, по што во 2009 година е именуван за советник на неговиот татко, кој во тоа време бил гувернер на Ријад.

За светските медиуми, принцот е воркохолик, кој во својата канцеларија поминува и по 18 часа дневно. Но, неговото име многу често се поврзува со различни скандали. Во 2018-та година се поврзува со убиството на новинарот Јамал Кашоги во амбасадата на Саудиска Арабија во Истанбул. Меѓу познатите државници со коишто има постојана комуникација се американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.

Во 2018-та година, принцот Мохамед ги посети САД, каде се сретна со голем број политичари и холивудски ѕвезди. Тогаш се сретна со поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари, како и со Хенри Кисинџер, Мајкл Блумберг, Бил Гејтс, Џеф Безос, Опра Винфри, Руперт Мурдок, Мајкл Даглас. Тој, исто така, беше во посета и на Велика Британија, каде се сретна со премиерката Тереза Меј, Кралицата Елизабета и принцот Вилијам.

Фото: Pexels