Кокино се развива како туристичка дестинација со реновации од УСАИД и Владата на Швајцарија

30

Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли и директорката на Музејот на град Куманово Анита Цветковска, денеска ја посетија мегалитската опсерваторија Кокино за да ги промовираат најновите инфраструктурни реновации на локалитетот финансирани од УСАИД и Владата на Швајцарија преку Проектот за експанзија на мали бизниси и Локлната акциона група Абер 2015. Реновацијата вклучува нови патокази, информативни табли, заштитна ограда за камените тронови на локалитетот, мобилна апликација за аудио водење и нова официјална веб страна на Кокино (www.kokino.mk).

“Новата туристичка инфраструктура на Кокино ќе го направи полесно достапно за странски и домашни туристи кои ќе трошат пари во околните населени места. Македонија има голем потенцијал за развој на ваков вид на туризам кој е само делумно искористен, па затоа е важно да се работи на максимизирање на приливите од овој сектор на начин кој е економски, еколошки и културолошки одржлив”, изјави амбасадорот Бејли.

Овој проект се спроведува за одржлив развој на Кокино како туристичка дестинација, како и за негова конзервација. Опсерваторијата и светата планина Кокино е меѓу најстарите и најуникатните примери на културно наследство во Македонија, па затоа целта на проектот е локалитетот да стане лесно достапен за туристи и физички и на интернет, а притоа да се сочува неговиот автентичен изглед. Кокино привлекува меѓу 10.000 и 30.000 посетители годишно, што укажува на неговиот голем потенцијал како туристичка дестинација.

Проектот го спроведува Музејот на град Куманово во соработка со Локалната акциона група (ЛАГ) Абер 2015. ЛАГ-от Абер 2015 е здружение на граѓани сочинето од претставници на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од општините Старо Нагоричане, Липково и Куманово. Здружението беше основано во декември 2015 година како дел од воведувањето на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот за локален економски развој во руралните средини. Во таа рамка, Музејот на град Куманово и Абер 2015 го спроведуваат проектот за развој на Кокино, со помош од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, со цел подобрување на туристичката понуда на североисточниот регион, а со тоа и стимулирање на економскиот развој на локално ниво.