На 11 август 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, кога сѐ уште постојат ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија. По забавувањето на растот во првиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годината упатуваат на понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, во согласност и со очекувањата. Тие се видливи преку двоцифрениот пад на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото. Сепак, гледано по месеци, поголем дел од надолното приспособување е сконцентрирано во април и мај, додека во јуни се забележуваат знаци на закрепнување.
Во однос на ценовните промени, стапката на инфлација во јули изнесуваше 1,3%, на годишна основа и 0,6%, збирно за првите седум месеци од годината, главно под влијание на повисоките цени на храната. Ваквите поместувања претставуваат нагорно отстапување во однос на очекуваната стапка на инфлација за 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, постои одредена неизвесност околу проекцијата на инфлацијата за 2020 година.
Нивото на девизните резерви на крајот на јули, според сите показатели за адекватноста, и натаму е во сигурната зона. Во текот на јули, главните фактори коишто придонесоа за промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство, а помал придонес имаа и извршените интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Надворешната позиција на економијата, во второто тримесечје, е малку поповолна од очекуваната, при понизок трговски дефицит во однос на проектираниот. Притоа, извозните остварувања се подобри од очекувањата, во услови на значително подобрување на активноста на дел од компаниите ориентирани кон извоз во текот на јуни. Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се ограничени.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат нивен понатамошен солиден годишен раст, малку повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем во домашна валута беше на релативно високо и солидно ниво, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јули 2020 година упатуваат на сезонски раст на понудата на девизи, главно предизвикан од физичките лица на менувачкиот пазар. Со ова дојде до подобрување на движењата на девизниот пазар на банките со нивните клиенти и натамошно зголемување на девизната ликвидност на банкарскиот систем, што ја намали потребата за интервенции за продажба на девизи на Народната банка. Релативно поволните трендови на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на август.
Во јули, сигналите за закрепнување на економскиот раст во еврозоната и Кина, информациите за развој на вакцина против вирусот ковид-19 и натамошната монетарна и фискална поддршка на најголемите економии создадоа оптимизам кај инвеститорите на меѓународните финансиски пазари, што се одрази со нагорна динамика на берзанските индекси во глобални рамки. Овие случувања беа изразени сѐ до втората половина на месецот, кога поради загриженост на инвеститорите поврзана со појавата на втор бран заразени од корона-вирусот на глобално ниво и зголемените политички тензии помеѓу САД и Кина, расположението на инвеститорите се промени и предизвика пад на приносите на државните обврзници во еврозоната и САД.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно.
Фото: Freepik