Во земјава во месец мај има 1.287 пензионери кои се корисници на највисокиот износ на пензија. Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ), во мај 18 пензионери, корисници на старосна пензија, на своите сметки добиваат по 53.371 денар, што е највисоката пензија во земјава.
“Од први јануари оваа година има новоформирана максимална пензија согласно член 230 став 1 и член 52 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и објавата на Државниот завод за статистика од 20.02.2020 година за износот на просечно остварена нето плата во 2019 година, износот на пензијата е 53.371 денар“, појаснуваат од ФПИОМ.
Податоците за мај покажуваат дека најголем дел или 63,62% (205.418 пензионери) од вкупниот број на пензионери во земјава примаат пензија во опсег од 11.863 до 39.356 денари. Потоа следуваат 28,13% (90.844) од пензионерите кои во мај примиле минимална пензија (од 9.693 до 11.863 денари), а зад нив се оние кои примаат до минималната пензија, односно 7,51% (24.251) од пензионерите добиваат не повеќе од 9.693 денари. Максимален износ на пензија (од 39.356 до 53.371 денар) примаат 0,74% или 2.381 од вкупниот број на пензионери во земјава.
Во текот на мај, во земјава имало 1.631 нов пензионер, од кои 1.093 биле мажи, додека 538 се жени. Најголем дел од новите пензионери се корисници на старосни пензии (1.237), по што следуваат семејните (310) и инвалидските пензии (48).
Во истиот период, починале вкупно 1.442 пензионери.