Колку “фотелји“ во парламентот и владата се резервирани за жени во Македонија?

70

За жените се “резервирани“ 33% од местата во националните парламенти на земјите члeнки на Европската унија во 2020 година. Уделот на жените во политиката е во подем од 2004-та година, кога жените учествуваа со 21%, покажуваат податоците на Eurostat.

Во текот на минатата година, најголем процент на жени во националните парламенти има во Шведска и тоа скоро 50%, по што следат Финска (46%), Белгија (43%) и Шпанија (42%).

Од друга страна, најнизок процент на застапеност на жени во парламентот има во Унгарија и Малта (по 13%).

Во Македонија лани во законодавниот дом имал 35,8% припаднички од понежниот пол. Една година претходно уделот на жените во собранието бил 40%, а во 2018 година 38,3%.

Во последните години, бројот на жени кои се дел од владите на земјите во ЕУ бележи раст – од 20% во 2004-та до 33% во 2020 година. Лани Финска имаше најголем удел на жени во владата и тоа 55%. Потоа следуваа: Австрија (53%), Шведска (52%), Франција (51%) и Белгија (50%). Од друга страна, најмал процент на жени имаа владите на Малта (8%), Грција (11%) и Естонија (13%).

Во Македонија лани уделот на жени во министерски фотелји бил 16,7%, една година претходно 15%, а во 2018 година тој процент бил 12,2%.

Фото: Pixabay