Колку ќе чини кампусот на Римац?

33

Градоначалникот на хрватскиот град Света Недела, Дарио Зуровец и директорот на Rimac Automobili, Мате Римац, потпишаа договор за права за изградба на производен и истражувачко – развоен кампус, вреден околу 198 милиони евра.

Проектот на технолошкиот кампус вклучува и тест патека, канцеларии, работни простории, сместувачки капацитети и музеј.

Комплексот го дизајнираше хрватското архитектонско студио 3LHD и ќе биде база за истражување, развој и производство и ќе ѝ овозможи на компанија да расте и напредува.

За разлика од повеќето локации на коишто се сместени автомобилски компании, каде што се поставени високи огради, кампусот на Римац ќе биде отворен за јавноста и ќе понуди интеракција со посетителите, гостите, вработените и љубопитните луѓе.

“Не се гледа секој ден инвестиција од околу 198 милиони евра и којашто ќе отвори перспектива за сите“, рекол градоначалникот, додавајќи дека ова е почеток на нова ера не само за градот, туку и за целата Хрватска.

Римац рекол дека на проектот се чекало со години.

“Се измачивме додека да најдеме адекватен простор, гледав на повеќе места, но ништо не ни одговараше и одлучивме да изградиме сопствен кампус“, рекол Римац.

Се надева дека кампусот ќе биде отворен во 2023-та година, а ќе биде место на коешто ќе работат 2.500 луѓе.

Фото: Facebook