Колку ќе чини вакцината против коронавирус

83

Координаторите на глобалниот сојуз за вакцина против коронавирус поставија широк опсег на цени кога станува збор за индивидуални вакцини против Ковид-19, при што нивото од 40 долари за доза е највисока цена, дознава Ројтерс.

Сет Беркли, извршен директор на алијансата за вакцина GAVI, вели дека тие немаат целна цена за вакцината и дека се подготвени да преговараат за различни ценовни опсези за побогатите и посиромашните држави.

Беркли ги отфрли минатонеделните извори блиски до Европската унија, според кои цената би била по 40 долари за вакцина за побогатите држави. Извори на ЕУ рекоа минатата недела дека ќе бараат да обезбедат поевтини вакцини надвор од шемата COVAX –дизајниран да обезбеди фер глобален пристап до Ковид-19.

Беркли тврди дека во презентацијата пред претставниците на ЕУ тие претставиле различни идеи за цените и дека нивото од 40 американски долари било максимална цена во опсегот за побогатите земји, а не веќе дефинираната цена.

Сојузот за вакцини GAVI е непрофитно глобално јавно-приватно партнерство со седиште во Женева. Моделот на GAVI е дизајниран да ги искористи финансиските ресурси и експертиза и да ги соедини владите и производителите на вакцини од индустријализираните земји и земјите во развој, клучните агенции на ООН, јавните здравствени и истражувачки институции, приватниот сектор и граѓанското општество.

Тие имаат за цел да го зголемат пристапот до нови и недоволно искористени вакцини во сиромашните земји и со тоа да спасат животи и да го заштитат здравјето на луѓето.

Повеќе од 70 богати земји се регистрираа за глобалната иницијатива за вакцини против коронавирус, која ќе обезбеди тие да купат повеќе вакцини за складирање за своите граѓани.

GAVI неодамна објави дека 75 земји најавија дека ќе се приклучат на новиот COVAX погон, заедно со уште 90 земји со ниски приходи, кои се надеваат дека ќе добијат вакцини што ќе им бидат донирани.

Некои земји, вклучително и Велика Британија, Франција, Германија и САД, веќе нарачале стотици милиони дози пред да се докаже дека вакцините делуваат.

Критичарите велат дека со ваквиот сојуз за вакцина на богатите земји им нуди шанса да купат уште повеќе вакцини и во основа им дозволува да издвојат на страна одредена количина вакцини без последици.

Фото: Freepik