Колку компании лани имаа добивка што надминува милијарда денари?

168

Иако 2020 година помина во знакот на пандемијата и здравствената, но и економска криза што ја донесе со себе, сепак имаше компании во земјава што на крајот прикажаа солидни финансиски резултати.

Па така, од вкупниот број на котирани компании, 69 оствари добивка, а само седум од нив во билансите на успех прикажаа добивка што надминува милијарда денари.

Стопанска банка е на врвот на листата со највисока добивка за 2020 година и тоа во висина од 1.957.217.000 денари. По нејзе следи Комерцијална банка којашто лани оствари добивка од 1.939.134.000 денари. Првата “тројка“ ја комплетира компанија што не му припаѓа на банкарскиот сектор – Либерти со 1.868.582.659 денари.

Меѓу седумте компании што со добивка од над милијарда денари ја завршија неславната 2020 година беа и: НЛБ Банка (1.704.271.000 денари), Македонски Телеком (1.603.171.000 денари), Цементарница Усје (1.523.204.000 денари) и на крајот фармацевтската компанија Алкалоид со 1.189.972.000 денари.

Фото: Pexels