Колку корисници на пензија има во земјава?

262

Статус пензионер според македонското законодавство се добива преку стекнување право на: старосна, инвалидска, семејна, право на професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци, паричен надоместок за телесно оштетување и право на најнизок износ на пензија.

За било кој вид на пензија треба да се исполнат одредени услови, па така на пример, за стекнување старосна пензија, неопходно е осигуреникот да наполни 64 години живот за мажи, односно 62 години живот за жени и најмалку 15 години пензиски стаж.

Според македонската статистика: во 2018 година во земјава имало вкупно 317.278 пензионери, една година претходно 312.398, додека таа бројка во 2013 година била 291.821.

Најголем дел отпаѓа токму на старосната пензија, па така во 2018 година имало 204.455 корисници на овој вид пензија. Потоа следува семејната пензија, којашто може да ја остварат членови на семејството: брачен другар, деца, родители и слично. Лани таков вид на пензија користеле 75.680 лица, една година претходно 76.391 корисник.

Според законот, осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, стекнува право на инвалидска пензија. Таков тип на пензија лани користеле 35.645 лица, во 2017 година се 36.970, додека во 2013-та година имало 42.741 пензионери.

Ланската година имало 215 корисници на земјоделска пензија, а за споредба во 2013-та година имало 880 пензионери корисници на овој вид пензија.

Фото: Pixabay