Колку пари им се потребни на Европејците за стабилен живот?

Граѓаните на Европската Унија (ЕУ) имаат потреба од просечно 2.867 евра месечно за да го достигнат прагот на горната средна класа, додека во балканските земји околу 1.000 евра се доволни, според истражување на „Еуроњуз“ објавено денес.

Опсегот во 34-те анкетирани земји варира од 603 евра во Македонија до 6.490 евра во Швајцарија.

Во Србија, за запишување во оваа класа се потребни 975 евра месечно, додека слични бројки се евидентирани во Црна Гора (825 евра) и Турција (755 евра).

Меѓу четирите најголеми економии на ЕУ, Германија води со праг од 3.611 евра, по што следуваат Франција со 3.307 евра, Италија со 2.758 евра и Шпанија со 2.546 евра месечно.

На лице од горната средна класа во Норвешка му се потребни 5.240 евра месечно, додека во Австрија, Данска и Ирска износот се движи од 4.500 до 4.300 евра.

На Естонците им се потребни 2.143 евра за да бидат во таа категорија, на Чесите 1.900, на Хрватите 1.882, а на Португалците 1.808 евра.

Анализата се базира на таканаречениот еквивалентен расположлив доход и дефиницијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која ја дефинира горната средна класа како група луѓе кои примаат 150-200 проценти од средната плата.

Медијалниот еквивалентен расположлив доход во ЕУ за 2025 година изнесувал 1.912 евра месечно, додека 150 проценти од таа сума се 2.867 евра.