Фото: Pixabay
Прашање: Почитувани, моето прашање е дали имам обврска и колку да исплатам регрес за годишен одмор до крајот на 2016 година за сите вработени лица. Се работи за компанија која има вработено 20 лица, од кои неколку се пријавени на пола работно време.
Одговор: Регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци, односно 8.909 денари, а најмногу до 13.116 – 40% од просечната месечна бруто плата објавена во тековниот месец – 40% од 32.789 денари. (“Службен весник на РМ”, бр. 88/09, 60/10, 81/12, 189/13, 119/15 i 150/16) на кој исплатен износ компанијата треба да плати персонален данок со стапка од 11.1111%.
Компанијата може да исплати регрес за годишен одмор и над овој износ, но истиот ќе мора да го оданочи како непризнаен расход во Даночниот Биланс на крајот од годината.
Износот на регресот за годишен одмор не треба да биде помал од утврдениот минимален износ, но постојат исклучоци каде што регресот може да се исплати и во помал износ во колку компанијата во претходната година искаже значителна загуба. Во ваква ситуација мора да се потпише ОДЛУКА за именување на претставник од работниците кој ќе потпише спогодба со работодавачот, со која ќе се утврди висината на регресот за годишен одмор и СПОГОДБА за утврдување на износот за регрес за годишен одмор за 2016 година (Службен весник на РМ, бр. 119/15).
Право на користење на регрес за годишен одмор имаат сите вработени лица кои имаат остварено минимум шест месеци непрекинат работен стаж кај работодавецот. Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење на годишен одмор на работникот. Според Законот за работни односи, работник којшто е пријавен на пола работно време (20 часа неделно) му следува најмалку 10 работни дена годишен одмор (член 48, став 4 од Законот за работни односи на РМ) и исплата на половина износ од утврдениот регрес.
Ако имате прашање за Ксенија Чаминска, можете да го поставите на Бизнис советник.