Комерцијална банка лани одобрила кредити на физички лица во вредност од 3,8 милијарди денари

28

komercijalna-banka-logo

Во текот на 2016 година, Комерцијална банка одобри 10.101 кредит на секторот население, во вкупен износ од 3.816.502.000 денари. Бројот на новоодобрени кредити е намален за 23%, додека износот на истите е намален за 29,5% споредено со 2015 година, стои во Годишниот извештај на банката за 2016 година.

“Вкупната кредитна изложеност кон населението со состојба на 31.12.2016 година изнесува 13.479.124.000 денари и споредено со вкупната кредитна изложеност на 31.12.2015 година, кога изнесувала 13.514.004.000 денари, бележи намалување од 0,5%“, покажуваат годишните податоци на Комерцијална банка.

Од вкупниот износ на одобрени кредити (10.101), најголем дел или 8.468 се ненаменски готовински кредити во вкупен износ од 1.758.015.000 денари. По нив следат наменските кредити за куување недвижен имот и изградба (810) со вкупна вредност од 1.783.469.000 денари.

Според Годишниот извештај, во 2016 година во Комерцијална банка се отворени вкупно 17.314 нови трансакциски сметки и се издадени вкупно 23.240 дебитни картички. Вкупните приливи на трансакциските тековни сметки во овој период изнесуваат 91,2 милијарди денари, а вкупниот број на фирми кои исплатиле плата на трансакциски сметки во банката бележи пораст од 1%.

“Банката сè поголем акцент става на развојот на алтернативни можности за користење на средствата од сметките од страна на клиентите. За таа цел постојано се работи на зголемување на обемот и видот на плаќања со трајни налози и зголемување на функционалноста на услугите од електронското и СМС банкарство. Така, во 2016 година бројот на наплатени трајни налози е зголемен за 17,4%. Бројот на регистрирани корисници на електронското банкарство е зголемен за 9.595 нови претплати и достигна вкупно 95.432 корисници – физички лица, од кои 25.997 можат да вршат плаќања преку Интернет со користење листа на кодови или со дигитален сертификат. Исто така, заклучно со 31.12.2016 година, доделени се 1.379 претплати за услугата СМС банкарство“, стои во Годишниот извештај на Комерцијална банка.