Комерцијална банка од 30 април ќе врши исплата на дивиденда за 2017 година

20

Комерцијална банка АД Скопје ги известува своите акционери дека почнувајќи од 30 април 2018 година ќе врши исплата на дивиденда за 2017 година.

Во соопштението се вели дека право на исплата на дивиденда за 2017 година имаат сите акционери на банката кои се евидентирани во книгата на акции на 19 април 2018 година. Исплатата на дивиденда за 2017 година на правните лица ќе се врши со пренос на средствата на нивните сметки во Банката или во друга банка.

За исплатата на дивиденда за физички лица, плаќањето на ПДД ќе се врши со електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до УЈП, согласно Законот за измени и дополнувања на Законот за персонален данок. Заради потребата од целосни податоци за внес во е-ППД системот, се повикуваат сите акционери кои не се внесени во евиденцијата на УЈП како даночни обврзници, да преземат соодветни мерки за нивно евидентирање во даночната евиденција на  УЈП. Ова особено се однесува на малолетните лица и/или други лица кои досега не биле приматели на оданочив приход од кој било вид во Република Македонија.

На физичките лица средствата од дивидендата за 2017 година ќе им бидат уплатени на нивните сметки во Комерцијална банка  освен за лицата кои имаат дадено овластување за пренос на дивидендата на сметка во друга банка. Комерцијална банка во таков случај средствата од дивидендата за 2017 година ќе ги уплати на назначената сметка.

Физичките лица кои немаат сметка во банката или не дале овластување, ќе треба за исплата на дивиденда за 2017 година да отворат сметка во Банката или да дадат овластување за пренос на дивидендата на сметка во друга банка. Ова можат да го направат во сите филијали и експозитури на Комерцијална банка низ Републиката.