Комерцијална банка оствари добивка од 37,5 милиони евра во 2021 година

134

Во периодот од 01.01-31.12.2021 година Комерцијална банка АД Скопје оствари нето добивка од 2.304,3 милиони денари, или 20,5% повеќе во однос на минатата година.

Овој солиден резултат од работењето, Банката го оствари во услови на постепено закрепнување на економијата од последиците поврзани со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Kовид-19, што е резултат на отпочнувањето на процесот на вакцинација на населението и глобалното економско заздравување.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 0,1% поголема во однос на минатата година како резултат на пораст на приходите од редовно работење, додека останатите приходи се намалени како резултат на помалку реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот (444,1 милиони денари во 2021 година, наспроти реализирани значително поголеми приходи во износ од 1.334,4 милиони денари во 2020 година, од кои најголем дел е од продаден имот од должниците Технометал Вардар Скопје, Прототип ДООЕЛ Скопје и ФКН Неготино).

Нето-исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2021 година изнесува 934,6 милиони денари и во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 1.369,7 милиони денари бележи намалување од 31,8%. Намалувањето на нето-исправката на вредност на финансиските средства се должи на антиципација на влошувањето на дел од корпоративното портфолио поради состојбата со ковидкризата во 2020 година, додека во извештајниот период се забележуваат позитивни придвижувања во економијата и во портфолиото на Банката.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.473,1 милиони денари и бележат зголемување од 1,6% во однос на истиот период од минатата година како резултат на пораст на приходите од редовно работење.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето навкупните приходи од работењето. На 31.12.2021 година изнесуваат 2.454,6 милиониденари и бележат зголемување од 1,5% кое е остварено во услови на намалени каматни стапки кај кредитите и депозитите, при умерено зголемен обем на кредитирање и значително зголемени депозити. Дополнително, соодветно влијание врз нето-приходите од камата има и намалениот обем и каматна стапка кај пласманите во благајнички записи во однос на минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 95,5%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2021 година изнесуваат 994,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 11,5% како резултат на пониска споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 117,7%.

Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2021 година изнесуваат 197,4 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%. Планот за анализираниот период е остварен со 119,6%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2021 година изнесуваат 1.723,9 милиони денари и бележат намалување во најголем дел како резултат на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Во рамки на оваа позиција Банката во текот на 2021 година оствари значителен износ на наплатени отпишани побарувања (1.234,4 милиони денари), во чии рамки со најголемо учество е наплатеното отпишано побарување од Топлификација АД Скопје – во стечај, во износ од 579,8 милиони денари, такaшто Планот е остварен со 189,5%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2021 година изнесуваат 2.029,0 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 4,4%, главно како резултат на зголемена амортизација по основ на набавки на основни средства и опрема заради модернизација на деловната мрежа, зголемени трошоци по основ на набавка и сервисирање на компјутерска опрема, зголемени премии за осигурување на депoзитите, зголемени трошоци за обезбедување на имот и други трошоци. Планот е остварен со 120,3%.