Комерцијална банка со добивка од 105,9 милиони денари ги заврши деветте месеци од 2017

24

komercijalna-banka-logo

Комерцијална банка, од први јануари до 30-ти септември оваа година, евидентираше добивка во висина од 105.970.000 денари, покажува неревидираниот и неконсолидиран биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Истиот период минатата година, банката прикажа добивка од 526.234.000 денари.

“Остварената добивка пред исправка на вредност, што претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,1% помала во однос на истиот период минатата година што главно се должи на намалувањето на нето приходите од камати. Сепак, најголемо негативно влијание врз финансискиот резултат има зголемувањето на исправката на вредност на корпоративните кредити, што ги надмина очекувањата за овој извештаен период“, стои во Коментарот на посебниот неревидиран биланс на успех.

Нето приходите од камата, како што се наведува, претставуваат основна компонента во формирање на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2017 година бележат намалување од 7,4% во однос на истиот период од минатата година како резултат на влошување на квалитетот на корпоративните кредити, воздржување од поинтензивно кредитирање и намалување на каматните стапки.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2017 година изнесуваат 623,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 1,8% заради поинтензивниот раст на расходите за провизии поврзани со картичното работење и едновремено намалена динамика на раст на приходите од провизии заради намалени активности кај дел од клиентите.

Во 2017 година, макроекономските услови во коишто банката ќе ја остварува својата активност се очекува да бидат постабилни и со помала неизвесност во споредба со 2016 година.