Комерцијална банка во првите три месеци од оваа година оствари добивка од 360.157.000 денари, стои во неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.
Истиот период минатата година, добивката на банката беше 217.549.000 денари.
“Во периодот од 01.01-31.03.2021 година, банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 360,2 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 217,5 милиони денари што претставува зголемување за 65,6%. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 73,1%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,2% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на нето-приходите од провизии, зголемување на приходите од нето тргувања и повисоките останати приходи од дејноста, во чии рамки се зголемени капиталните добивки од продажба на преземен имот. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на пролонгирана здравствена и економска криза како резултат на пандемијата со Ковид-19, поради што од страна на Владата е донесена Одлука за продолжување на рокот на постоење кризна состојба во Државата до 30.06.2021 година“, стои во Коментарот на билансот на успех.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.053,1 милион денари и, како што се наведува во Коментарот, бележат зголемување од 3,5% во однос на истиот период од минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2021 година истите бележат намалување од 5,7% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалувањето на приходите од камата од кредити дадени на домаќинства и нефинансиски друштва поради намалени каматни стапки, како и од секторот финансиски друштва по основ на намалени каматни стапки и намалени пласмани во благајнички записи. Планот за анализираниот период е остварен со 91,1%. Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2021 година изнесуваат 241,1 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година, како што се наведува во Коментарот, бележат зголемување од 6,9% како резултат на пониска споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 114,1%.
Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2021 година изнесуваат 41,9 милиони денари и бележат намалување од 3,8%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,5%.
Фото: Freepik