Комерцијална банка за девет месеци прокнижи добивка од над 526 милиони денари

39

komercijalna banka

Комерцијална банка, во периодот јануари – септември оваа година, оствари позитивен финансиски резултат во износ од 526.234.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката прикажа добивка од 316.697.000 денари.

“Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 13,1% повисока во однос на минатата година што се должи во најголем дел на зголемените нето приходи од камата, зголемувањето на останатите приходи (пред сè приходи од капитални добивки од преземени средства врз основа на ненаплатени побарувања, наплатени претходно отпишани побарувања и приходи од девизно работење), при истовремено намалување на оперативните расходи“, стои во Коментарот на неконсолидираниот биланс на успех.

Позитивно влијание врз финансискиот резултат во извештајниот период има и намалувањето на загубата за оштетување на преземениот имот евидентирана согласно регулативата.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.480,7 милиони денари и бележат пораст од 7,4% во однос на истиот период минатата година. Нето приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2016 година истите бележат зголемување од 0,6% во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 98,5%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2016 година изнесуваат 635,2 милиони денари и во однос на состојбата од минатата година бележат намалување од 3%. Планот за анализираниот период е исполнет со 93,7%. Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2016 година изнесуваат 102,7 милиони денари и во однос на состојбата од минатата година бележат зголемување од 33,2%. Планот за анализираниот период е исполнет со 125,6%.