Компаниите ќе добијат стручна странска помош со поддршка од Владата

57

TeamOfExpertsВладата на Република Македонија стартува проект преку кој ќе обезбеди стручна помош за компаниите со ангажман на странски експерти со цел да им помогне во работењето.

Почнувајќи од денес компаниите добиваат можност да аплицираат на владиниот јавен повик со кој ќе покажат интерес за добивање помош од странски експерти во различни области.

На денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев информира дека за ангажирањето на експертите во најголем број случаи Владата ќе ги покрие целосно трошоците, а во определен број случаи по извршени анализи и консултации многу мал надомест ќе треба да обезбедат компаниите.

Условот што компаниите треба да го исполнат за аплицирање е да имаат два последователни финансиски извештаи, односно да работат најмалку две години и да имаат повеќе од пет вработени.

Компаниите ќе можат да аплицираат за користење стручна помош од странски експерти од различни области како земјоделство, прехранбена индустрија, туризам, градежништво, текстилна индустрија, информатички технологии, финансии…

“Особено се охрабрува пројавување интерес за користење експерти од областа на технологијата на работа на компанијата и техничко-технолошкиот процес што би можеле да придонесат за поголема ефикасност и ефективност во деловниот потфат, во обезбедување подобро производство и повисок принос, подобрување на дел од производствениот процес, како и повисока вредност и конкурентност на производите или услугите кои ги нуди компанијата”, истакна Ѓорѓиев.

Апликациите ќе може да се достават во наредните 40 дена по писмен или по електронски пат до Владата.