Компаниите на берзата имаат 79 отсто усогласеност со Кодексот за корпоративно управување

155

Македонска берза го изготви вториот Годишен извештај за следење на усогласеноста на котираните друштва со Кодексот за корпоративно управување.

Во текот на 2024 година, котираните друштва коишто согласно Правилата за котација на Берзата се должни да известуваат за примената на Кодексот за корпоративно управување, по втор пат известија за неговата примена преку пополнување на соодветните прашалници во коишто ги опишуваат нивните корпоративни практики во текот на изминатата 2023 година. Анализата на нивните одговори покажува дека просечната стапка на усогласеност на корпоративното управување на сите друштва со Кодексот во 2023 година е 79%.

Овој извештај дава споредбен приказ на податоците за усогласеност на котираните друштва за 2022 и 2023 година. Компаративните податоци покажуваат дека просечниот квантитативен процент на усогласеност со Кодексот во 2023 година, во однос на 2022 година се зголемил за 3%.

Податоците за нивото на усогласеност на друштвата со Кодексот во овој Извештај се однесуваат збирно за сите котирани друштва и се базирани на фактичките информации за усогласеноста на друштвата со Кодексот, без да се навлегува во оценка на квалитетот на практиките на управување и известување. Извештајот се базира на проценката што самите друштва ја навеле за нивната усогласеност со конкретните делови и одредби од Кодексот.

Извештајот е достапен на следниот линк: https://www.mse.mk/mk/content/2/10/2023/corporate-governance-code