Компаниите во регионот донираат за загрозените во поплавените подрачја

23

donacii

Македонската компанија Пелистерка се приклучи кон повиците за испраќање помош во Србија, која изминативе денови е зафатена од поплави со катастрофални размери и испрати 10 камиони со повеќе од 225.000 литри од оваа течност во најзагрозените подрачја. Станува збор за над 160.000 шишиња.

“Ситуацијата во Србија ја следиме со огромна загриженост. Солидарноста и желбата да му се помогне на соседот во овие мигови треба да бидат најсилни. Без размислување и резерви решивме да го испратиме овој конвој со свежа вода за пиење која, се надеваме, барем малку ќе им ја олесни состојбата и ќе им помогне во битката со невремето и со водената стихија на тие што им е најпотребно”, велат од Пелистерка во официјалното соопштение.

Свои донации за помош на загрозените во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска испратија и бројни компании и трговски ланци од регионот. До сега помош преку донации пружиле 133 компании од Србија, меѓу кои МК Група, Месна индустрија Топола, Јасмил, Хајнекен, Неопланта, Делез, Филип Морис, Планинка, Тигар, Делта, Имлек, Фриком, Агрокор, НИС, Активис…

Компанијата Вип мобајл на корисниците во загрозените подрачја ќе им активира дополнителни пакети кои содржат 60 минути бесплатни разговори и 1 GB интернет во националниот сообраќај кои ќе важат до 25 мај.

Од Телеком Србија соопштија дека обезбедиле технички услови за бесплатен интернет за користење на Facebook и Twitter, а граѓаните ги замоли ова да го користат пред се за да им се помогне на оние што се најзагрозени од поплавите, пишува Телеграф. Корисниците ќе можат бесплатниот интернет да го користат само преку мобилни уреди, за да не биде загрозено функционирањето на целата мрежа.

Во Хрватска, донации во вид на храна и вода за загрозените испрати Подравка од Копривница и ги повика и своите партнери да го сторат истото. Управата на Загрепска банка одлучи преку Црвениот крст да донира 263.000 евра.