Компаниите задоволни од грантовите доделени од Фондот за иновации

28

fond-za-inovacii-i-tehnoloski-razvoj

ДТК Смарт – тек е една од 16-те компании кои добија грант од првиот повик што го распиша Фондот за иновации и технолошки развој, пишува Миа.

Спин оф компанијата, која е основана од група професори на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје, направи компјутерски систем за енергетска ефикасност наменет за индустриските капацитети. За реализација на нивната иновација добиле 26,5 илјади евра од Фондот за иновации.

Уредот ги снима сите релевантни параметри на електричната енергија и преку направена анализа се идентификува проблемот кој е најголем причинител за зголемената потрошувачка на струја.

“Грантот беше голем поттик за имплементацијата на овој наш систем се со цел зголемување на енергетската ефикасност на објекти, пред сè на индустриските капацитети. Нашите уреди може да им помогнат на индустриските компании да се зголеми нивната енергетска ефикасност и да се намали крајната цена на испорачаната електрична енергија. Без помошта на Фондот за иновации овој уред досега не би постоел затоа што финансиските средства кои ги добивме беа од голема помош. Имавме можност да вработиме лица, да купиме некои технички уреди неопходни за изработката на овој уред, изјави професорот Живко Ковански од ФЕИТ.

Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска, која заедно со заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска беа во посета на компанијата, информираше дека веќе е завршен и вториот повик за кој ќе се обезбедени 1 милион и 300 илјади евра.

“Заврши вториот повик за три инструменти за поддршка кои ги обезбедуваме – за старт ап компании, за комерцијализација на иновации и за трансфер на иновации. Конкурсот заврши на 21 октомври и моментално се претселектирани 39 апликации од вкупно 95 кои пристигнаа. Се надевам дека до крајот на годинава ќе ги имаме и следните корисници“, истакна Поповска.

Најголем број од апликациите се од делот на информатичките технологии, но има проекти и од земјоделството, градежништвото, прехранбената индустрија…