Компанијата Бен Дор заинтересирана да инвестира во Македонија

129

ovosje12 (1) Израелската компанија Бен Дор која развива нови сорти на овошје, е заинтересирана да инвестира во Македонија. Претставници на компанијата денеска се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и со министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.
Оценката на претставниците на компанијата е дека Македонија има добра местоположба, а климатските услови се повеќе од поволни, така што инвестицијата во почетокот би можеле да ја насочат во отворање на центар за пакување и ладилници во соработка со постоечките производители во државата.
Во првата фаза компанијата би започнала со поставување логистички центри и би се испитале можностите и пазарот со цел да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, по што би продолжиле и со сопствено производство на единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски). Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.
Компанијата има меѓународни стандарди за квалитет, вклучувајќи Globalgap, BRC и ISO 9001 и поседува пакувачки капацитети, ладилници и транзит станици.
На состанокот министерот Димовски истакнал дека Министерството за земјоделство веќе има воспоставено добра соработка со израелското Министерство за земјоделство и дека ќе помогне компанијата да пронајде партнери во Македонија.
Компанијата Бен Дор, информира Министерството за земјоделство, во текот на неделата ќе ги посети Демир Капија, Гевгелија, Валандово и Росоман, чиешто поднебје и клима се поволни за одгледување овошје.