Комплетирана првата транша од 100-те милиони евра евтини кредити од ЕИБ

19

Со 15 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка – ЕИБ, ќе се поддржат инвестициите на 39 мали и средни фирми, кои првично ќе отворат околу 160 работни места. Со ова е комплетирана првата транша од 100-те милиони евра од ЕИБ за мали и средни претпријатија. Директорот на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), Драган Мартиновски го информираше министерот за финансии Драган Тевдовски дека во текот на оваа недела проектите ќе бидат доставени до ЕИБ, стои во соопштението.

Речиси 90% од проектите во првата транша се долгорочни инвестиции. Најмногу се инвестира во деловни објекти, опрема и транспортни средства, а помалку во обртни средства.

Министерот Тевдовски посочи дека малите и средни претпријатија се важен дел од нашето стопанство, бидејќи тие претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија кај нас. Тие учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%. Тој посочи дека од таа причина, Владата преку оваа кредитна линија, како и низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија.

“Евтините кредити од ЕИБ за мали и средни претпријатија во вкупна вредност од 100 милиони евра е наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средни претпријатија. Со ова, но и преку активните мерки за вработување и мерките за поддршка на претпријатијата се поддржува секторот на мали и средни претпријатија, кој од исклучително значење за економијата“, вели Тевдовски.

Во септември минатата година од страна на министерот за финансии Тевдовски, потпретседателот на ЕИБ, Ендрју МекДауел и директорот на МБПР Мартиновски беше потпишан договор за нова кредитна линија од 100 милиони евра за мали и средни претпријатија. МекДауел тогаш порача дека поддршката од ЕИБ ќе расте со напредокот на земјата во ЕУ интеграциите и изрази силно уверување дека започнува период на продлабочување на соработката. Оваа кредитна линија е петта по ред од ваков тип. Вкупниот износ на финансирање од ЕИБ достигнува 450 милиони евра.