Кон домашните е-трговци се слеале 123 милиони евра во првите три месеци годинава

45

Во првите три месеци од 2023, кон домашните е-трговци се слеале 123,1 милиони евра, што претставува раст од 14.5 отсто, известуваат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

– Реализирани се вкупно онлајн трансакции вредни 167.7 милиони евра и е остварен раст од 20.7 проценти споредено со истиот период претходната година, велат од АЕТМ.

Со македонски картички кон македонски е-трговци се реализирале 116,5 милиони евра, со раст од 14,1 проценти.

АЕТМ ги анализираше најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија, за првото тримесечје од 2023 година, согласно кои продолжува растот на онлајн трансакциите со тренд на намалување на темпото.

– Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Р.С. Македонија во првите три месеци од годинава изнесува 10,3 милијарди денари или 167,7 милиони евра и има пораст од 20.7 отсто во однос на истиот период 2022 година. Притоа вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица растат со побавно темпо, односно има пораст од 20,2 проценти во однос вредноста на направените е-трансакции од физичките лица чиј раст е 20,9 отсто во однос на истиот период минатата година, известуваат од АЕТМ.

Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, со истиот тренд односно 13,1 отсто во однос на истиот период 2022 година. При тоа кај правните лица за 7 проценти, а кај физичките лица за 15 отсто.

Поголемиот пораст на вредноста на направените онлајн трансакции од бројот на трансакциите, според АЕТМ, укажува на понатамошен тренд на зголемување на просечната вредност по трансакција.

– Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите три месеци од 2023 година остварени се 116,5 милиони евра и остварен е раст од 14.1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Истото е остварено во 3,3 милиони трансакции што претставува пораст од 9,3 отсто во однос на бројот на остварени трансакции во истиот период минатата година, соопштуваат од АЕТМ.

Оттаму, посочуваат дека трендот на поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци продолжува.

– Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички и во првите три месеци од годинава остварени се 44,6 милиони евра што претставува раст од 42 отсто во споредба со истиот период минатата година. Оваа вредност во странство Македонците ја оствариле во 1,1 милион трансакции односно остварениот пораст во однос на истиот период минатата година изнесува 25,4 отсто. Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од 6,6 милиони евра, односно остварен е пораст во првите три месеци од 2023 година од 21,9 процент во однос на истиот период минатата година. Странците кон домашните трговци направиле 161,8 илјада е-трансакции, при што е остварен пораст на бројот на е-трансакции од 17,4 отсто во однос на истиот период 2023 година, посочуваат од АЕТМ.

Кон македонските е-трговци се слеале 123,1 милиони евра остварени од домашни и странски картички во разгледуваниот период што значи пораст од речиси 14,5 отсто во однос на истиот период минатата година, а вредноста е реализирана во 3,5 милиони трансакции. Поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции од бројот ни покажува дека со платежните картички се купува поголема вредност по трансакција.

Што се однесува до структурата, според резидентноста на е-трговецот и издавачот на платежните картички, од АЕТМ истакнуваат дека може да се забележи дека кон македонските е-трговци од македонски и странски иматели на платежни картички се слеала 73,4 отсто од вкупно остварената вредност.

И во текот на првите три месеци од 2023 година се забележува пораст на новоотворени интернет продажни места, па од почетокот на годината до крајот на март 2023 отворени се 54 нови интернет продажни места.

– По реализираните високи порасте по 2020 година на вредноста на онлајн трансакциите, особено кон домашните е-трговци, позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму, а очекувано е да тој раст се движи со намалено темпо. Растот во вредноста на вкупните онлајн трансакции во првите три месеци од 2023 година изнесува 20,7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Очекувано е и дека со отворената можност за движење и патување остварен е поголем пораст на онлајн трансакциите кон странство, како и од странци кон домашните е-трговци. Но учеството на вредноста на направените е-трансакции остварена од Македонците и странците кон македонските е-трговци изнесува 73,4 отсто, што значи дека побарувачката за македонски производи е на задоволително ниво., вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во првиот квартал од оваа година како и зголемувањето на понудата до март оваа година со 54 нови интернет продажни места, за Ангеловска, дава основа да се каже дека домашната е-трговија забележува нагорен тренд како на страната на побарувачката така и на страната на понудата.

– Продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија, потенцира Ангеловска.