Кондиторската индустрија бележи зголемено производството за 250%

33

evropa2По либерализацијата на пазарот кондиторската индустрија го зголемила производството за 250%, агресивно настапува на надворешниот пазар, а и од домашниот ја истисна странската конкуренција.

На денешната прес-конференција во Стопанската комора, беше истакнато дека сепак последиците од глобалната економска криза се чувствуваат и во овој сегмент. Констатирано е дека продажбата во кондиторските фирми оди лесно, што не е случај со наплатата, а имаат проблем и со обезбедувањето средства за модернизација на производството, особено малите и микро претпријатијата.

Дополнителен проблем се долготрајните чекања при контролата на суровините, за што понекогаш се потребни и до 40 дена.

“Поради долгите чекања на резултатите од анализираните пратки, компаниите се принудени да увезуваат повеќе репроматеријали што финансиски ги оптоварува, но им ги полни и магацините. Во записниците, пак, најчесто не пишува кога е земена мострата, ниту во која лабораторија се испитува. Евидентен е и проблемот со различните лимити за микотоксините. Во ЕУ, дозволената концентрација на охратоксинот А (зависно од производот) е до 3 микрограми, а кај нас до 5. Настанува забуна и со дел од означувањата, ако во документот стои цртичка, не се знае дали не треба да се испитува или не смее да содржи какви било микроорганизми”, рече Васко Ристовски од Комората.

Македонската кондиторска индустрија од 1996 стагнира и покажа значителен пад на производството, за речиси половина, од 33.000 тони годишно на 12.000 тони. Во 2005 година настанаа значајни промени и од тогаш до сега продукцијата е зголемена за 2,5 пати, што се одрази и врз трговската размена.

“Во 2011-та размената беше 40.000 тони од кои 21.000 тони увоз (70 милиони долари), а 22.6000 тони извоз додека лани достигна вкупно 44.000 тони од кои 18.000 тони увоз (61 милион долари) и 26.000 тони извоз”, рече Стојмирка Тасевска, виш советник во Стопанската комора.

Кондиторската индустрија во Македонија ја соочинуваат 65 фирми од кои главно мали и микро препријатија, а вработува вкупно 1.200 лица. Извозот најчесто се реализира во земјите од соседството, но веќе и во Турција, САД, Австралија, Швајцарија.