Конференција за претставување на младите на првото интервју за работа

51

Успешното претставување на првото интервју за работа е клучно за добивање на можност за започнување на кариера. Младите и покрај добрите квалификации од образованието, треба да се подготват добро за првото интервју за работа. Ова беше денеска истакнато на конференцијата Прво интервју за работа, што треба да се знае, која е во организација на претставништвото на Стопанската комора на Германија во Скопје, Агенцијата за привремени вработувања Анторис и Комитетот на германското стопанство за Источна Европа.
Ирена Несторовска, директорката на Агенцијата за привремени вработувања Анторис, вели дека пазарот на труд во Македонија е комплексен и на младите треба да им се помогне при аплицирањето за работа.
“Секоја фирма бара различни квалификации и искуства, а младите најчесто се неквалификувани и непрофесионално се однесуваат на интервјуата за работа. Однесувањето на првичното интервју е многу важно за вработувањето затоа што тука го оставаат првиот впечаток”, изјави Несторовска.
Според Несторовска, за младите е корисна помошта како да состават своја кратка биографија и да се подготват за интервјуто за работа.
“Располагаме со база на членови кои активно бараат работа, постојано правиме обуки, ги советуваме младите членови како да се однесуваат на интервјуто за работа, како да ги состават своите документи за аплицирање, кодекс на однесување и облекување, коишто во наши услови се потребни”, додаде Несторовска.
Марија Радевска, претставник на Стопанската комора на Германија истакна дека и покрај стручните квалификации, на младите им треба охрабрување и подготовка за првото работно место.
“Веќе седум години организираме стипендиски програми за млади луѓе кои одат на пракса во врвни германски компании. По нивното практично искуство таму и работа на реални проекти во реални тимови, се враќаат во Македонија, со стекнато квалитетно стручно знаење, но без знаење како практично да настапиме на пазарот на трудот што се прави на интервјуто на работа, а што не”, рече Радевска.
Анкетата меѓу германските компании-инвеститори во Македонија, покажува дека секоја година има се повеќе компании кои се задоволни од работната сила на македонскиот пазар на труд, но дека сепак е потребна нивна дополнителна доедукација.