Конференција за заштита на квалитет на традиционални производи

28

Буламач од Малешевијата, мариовско биено сирење, крушевски колбаси, вино од станушина од Тиквеш, колешински кикиритки, наутлија, зелник, тараненик, јајчаник, морозна погача, дроп сарма, пашино ќофте, рвенија, свадбинска алва, р`чели, тиквеник, се само некои од македонските специјалитети што ќе бидат презентирани денеска на конференцијата “Заштита на квалитет на традиционални производи“ што ја организира Слоу фуд Македонија во Кавадарци, пишува Миа.

На конференцијата ќе стане збор за Заштитената ознака на потекло (ЗОП) како алатка за додадена вредност на квалитетот на производите и можностите за развој на руралните средини, за националната регулатива за ЗОП и нејзината примена во пракса, како и за поврзувањето на луѓето, местата и производите преку одржливи географски ознаки. Презентирани ќе бидат и искуствата на ФАО за оваа проблематика.

Предвидено е и претставување на разноводноста на прехранбените македонски производи кои треба да се зачуваат и промовираат, како и на алатките на Слоу Фуд за заштита и промоција на локалниот биодиверзитет на храна и јакнење на локалните заедници во руралните области (Арка на вкусови и Слоу Фуд Президиуми). 

“Во Република Македонија се зголемуваат општествените очекувања и барањата на потрошувачите за храна и земјоделски производи кои носат одреден знак за квалитет, а кој ги детерминара и потеклото, како и традицијата на производство. Промовирањето и зачувувањето на вакви производи чиј квалитет е базиран на потеклото може да придонесе за руралниот развој, зголемување на разновидноста на храна и избор за потрошувачите“, велат од Слоу фуд Македонија.

Според здружението, Македонија има голем потенцијал за развој на руралните средини токму преку зачувувањето на типичните, традиционални производи. Поради тоа, сите засегнати, заеднички, треба да им помогнат на производителите да успеат во намерата да продолжат да живеат во нивните области, но да продолжат и со производство според рецептите зачувани со генерации.

Здружението повеќе од пет години работи на заштита на локалниот биодиверзитет и традициите на храна. Вкупно 75 локални автентични производи се мапирани, опишани и поголем дел од нив се внесени во меѓународниот каталог Арката на вкусови, а се развиени и четири проекти за развој на Президиуми – здруженија на производители кои заедно се грижат за продолжување на традицијата на производство на одреден автентичен производ.

Конференцијата се организира со поддршка на Министерство за земјоделство, ФАО и Слоу Фуд Интернационал, а ќе ја отвори градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.