Конгрес на Синдикатот на вработени во индустријата, енергетиката и рударството

15

Резултатите од досегашната работа на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), програма за натамошните активности, избор на раководните органи на СИЕР за наредните пет години, како и резолуции за конкретни прашања од интерес на членството, се точките на агендата во работата на 16-тиот Конгрес на СИЕР што денеска се одржува во Охрид, јавува Миа.

“Работниците во Македонија имаат најниска минимална плата во регионот и во Европа. Од тој аспект пораката од овој Конгрес ќе биде дека преку социјалниот дијалог мора да се договори повисока минимална плата. Бараме и скратување на времето за склучување работен однос од пет години на година до две, потоа специјализирани судски одделенија за скратување на судските спорови, како и зголемување на сумата за обештетување при испратнини“, рече Пецо Ристески, претседател на СИЕР.

“Идејата на идното социјално партнерско договарање е токму за зголемување на минималната плата што ќе осигура повисок животен стандард за вработените, а истовремено ќе придонесе за спречување малверзации кога одредени работодавачи зад изговорот за минимална плата не ги исполнуваат и основните обврски кон вработените“, рече министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска – Ременски.