Конкурс за деца и млади по повод Светскиот ден на штедењето

18

Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањето објавуваат конкурс за деца и млади од основно и средно образование.

Конкурсот е по повод Светскиот ден на штедењето – 31-ви октомври. Темата на првата категорија е Штедење – И јас умеам да штедам, додека темата на втората категорија е: Осигурување – Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството.

Учениците од основното образование на конкурсот треба да испратат ликовна творба на една или на двете зададени теми, додека учениците од средно образование треба да испратат литературна творба – поезија на една или на двете зададе теми.

Крајниот рок за доставување на творбите е 31-ви октомври 2016 година.

Со цел да се заштити работата на учениците, на задниот дел на творбите задолжително треба да се наведат следните информации: име и презиме на детето, училиште каде што детето посетува настава (град, одделение, година, клас), име на родителот или старателот со адреса и мобилен телефон за контакт на родителот, старателот или наставникот.

За најдобрите творби на учениците ќе им бидат доделени 12 награди и тоа: по три награди за најдобар цртеж во двете категории и по три награди за најдобра песна во двете категории. На авторите на најуспешните творби ќе им биде доделена парична награда во износ од 3.000 денари со депонирање на паричниот влог во банка по нивен избор.