Корона кризата погодува околу 85% од микро и малите компании во Србија

34

Околу 85% од микро и малите компании во Србија би се соочиле со негативно влијание од коронавирусот врз нивниот начин на работа, покажуваат резултатите од истражување за последици од пандемијата, пренесуваат тамошните медиуми.

Намалената побарувачка за производи и услуги додека трае пандемијата очекуваат 80% од анкетираните, додека околу 30% сметаат дека како последица од пандемијата ќе биде и намалениот број на вработени. Над 70% од испитаниците очекуваат економските последици од пандемијата да траат шест и повеќе месеци.

Повеќе од 48% од компаниите проценуваат дека предизвиците од пандемијата нема да може да ги надминат без дополнителна поддршка. Покрај мерките што ги очекуваат од државата, претприемачите дале предлози и за други мерки коишто би можеле да ги преземат компаниите и приватниот сектор, со што ќе им се помогне и на микро и малите компании. Како најчести предлози се: давање предност на домашните производители во однос на увезените, поддршка за промоција и маркетинг, активно вклучување на големите компании во промоција на микро и мали компании.

Иако се меѓу најтешко погодени од кризата, повеќе од една третина од испитаниците се приклучиле во акции за солидарност. Тие донираат оброци, намирници и средства за хигиена, го пренасочиле производството кон средства за дезинфекција и опрема, печатење на 3D печатачи на визири за медицински лица и активно се вклучени во различни волонтерски акции.

Фото: Pixabay