Многу земји од светот им посакуваа големо добредојде на туристите од Кина, но туристичкиот бум запре кон крајот на минатата година, кога како детонација одекна веста за ширење на корона вирусот.
Според анализата на CNN, на туристичката индустрија најверојатно ќе ѝ бидат потребни повеќе години за да може да закрепне од овој силен удар.
Бројот на кинески туристи во последните неколку години забележа огромен раст. Над 180 милиони Кинези имаат патни исправи наспроти 147 милиони колку што има САД. Но, кога Кинезите патуваат во странство тие трошат огромни суми на пари.
Податоците покажуваат дека кинеските туристи во 2018-та година оствариле 150 милиони патувања во странство, трошејќи 277 милијарди долари.
Меѓу земјите кои се очекува најмногу да загубат од намалениот број на кинески туристи се омилените дестинации на Кинезите: Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја и Виетнам, како и Хонг Конг и Макао.
Ревидирана е прогнозата за раст на светскиот туризам оваа година, токму поради ширење на корона вирусот во Кина. Доколку кризата со овој вирус трае подолго и стане посериозна од онаа со вирусот САРС од 2003 година, тоа би значело 25 милиони патувања помалку, а дури 73 милијарди долари помалку потрошени пари на кинеските туристи.
Се претпоставува дека Јапонија поради намалениот број на туристи од Кина оваа година ќе загуби 1,29 милијарди долари приходи, додека на Тајланд таа загуба би била околу 1,15 милијарди долари.
Фото: Pexels