Корона вирусот на богаташите за еден ден им “стопи“ скоро 38 милијарди долари

107

Десетте најбогати луѓе во светот, поради силниот пад на светските берзи предизвикан од стравот од корона вирусот, за еден ден загубија 37,7 милијарди долари, пишува магазинот Forbes.

Најпогоден од “Црниот понеделник“ е претседателот на луксузната групација LVMH, Бернард Арно. Тој загуби 6% од своето богатство или шест милијарди долари. Сега на сметката на Арно има “само“ 92,6 милијарди долари, додека на крајот на минатата недела располагаше со 98,6 милијарди долари.

Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, за само еден загуби 5,6 милијарди долари, а неговата вкупна загуба уште од минатата недела достигна 14,1 милијарди долари. Акциите на неговиот Amazon забележаа пад од 5%.

И основачот на Microsoft, Бил Гејтс го почувствува силниот потрес, губејќи 3,8 милијарди долари поради пад на вредноста на акциите на неговата компанија.

Првиот човек на Berkshire Hathaway, Ворен Бафет загуби 5,4 милијарди долари. Сопственикот на Zara, шпанскиот милијардер Амансио Ортега има богатство помало за 2,8 милијарди долари.

Овој понеделник беше “црн“ и за: Марк Цукерберг (Facebook) – 4,2 милијарди долари, Лер Елисон (Oracle) – 1,8 милијарди долари, Карлос Слим (Grupo Carso Mexico) – 4,8 милијарди долари и Лари Пејџ (Google) – 3,3 милијарди долари.

Од оваа 10-ка, “недопрен“ остана само Мајк Блумберг.

Фото: Pexels