
Косовската компанија „Проекс Интернационал Л.Л.Ц“ има намера да стекне контрола врз друштвото за трговија на мало „Тинекс маркет“, за што до Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) веќе е доставено известување за концентрација.
Врз основа на Писмо за намери и рамка за Трансакцијата од 02.07.2026 година склучено помеѓу Друштвото за трговија на големо и мало и услуги ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ експортимпорт Скопје, со седиште на ул. Васил Ѓоргов бр. 16-1/мансарда 1, Скопје како Продавач и Проекс Интернационал како Купувач, се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на предвидената Трансакција поврзана со стекнување од страна на Купувачот на малопродажниот бизнис на супермаркети што моментално го управува ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје во Република Северна Македонија, меѓу другото, подназивите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“ („Бизнис“), наведуваат од КЗК.
За реализација на преземањето, на 14 јули годинава е регистрирана новата фирма „ТИНЕКС МАРКЕТ ДООЕЛ Скопје“, преку која ќе се спроведе целата операција и ќе се управува со малопродажниот бизнис.
Косовскиот инвеститор „Проекс Интернационал“, чија основна дејност е исто така трговија на мало во неспецијализирани продавници со храна и пијалаци, досега немал регистрирано поврзани субјекти ниту остварено приходи на македонскиот пазар.
Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана.
Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.











