Ковид беџови за во ресторан или на концерт

24

Светскиот лидер во вакцинација, Израел, почнува контроверзен проект со таканаречени ковид беџови коишто со својата боја ќе означуваат дали лицето кое ги носи е вакцинирано или не и на оние од првата група ќе им овозможи влез во ресторан или на концерт.

Виолетови беџови ќе имаат оние кои не се вакцинирани или примиле само една доза, додека оние кои ја примиле и втората доза или оздравеле од коронавирусот ќе носат зелени беџови. Трговски центри, книжарници, музеи, кафулиња и други места ќе бидат отворени и за оние со виолетови беџови, односно ќе им биде дозволен влез на сите. Теретаните, спортските и културни настани и ресторани ќе бидат достапни само за оние со зелени беџови.

Освен беџови, Израелците кои примиле две дози од вакцината можат да добијат и ковид пасош за враќање во земјата.

Израел најавува распоред за излегување од карантин, благодарение на интензивната кампања за вакцинирање, што од земјата направи мала “светска лабораторија“.

Досега во Израел се вакцинирани четири милиони лица или 45% од населението, од кои 2,6 милиони ја примиле и втората доза.

Фото: Pexels