Ковид надомест за посета на фризер, ресторан, стоматолог

703

Отворањето на малите бизниси во Канада пред две недели беше проследено со непријатно изненадување. Посетата на фризер, одењето во ресторан или на забар, вклучува нов трошок за граѓаните – ковид надомест додаден на сметките.

Таканаречениот ковид надомест е пресметан за да помогне да се покријат трошоците за опрема за лична заштита за вработените, засилените санитарни мерки или изгубените приходи како резултат на намалувањето на бројот на клиенти што бизнисот може да ги послужи со новите мерки.

Стоматолозите во канадската провинција Квебек наплаќаат надомест за дополнителни трошоци предизвикани од пандемијата на Ковид-19, а нивните колеги во другите провинции размислуваат дали да го следат истиот модел, пренесува канадски The Globe and Mail.

Овој месец стоматолозите продолжија со редовни прегледи и започнаа да наплатуваат до 30 долари (20 евра) по посета само за опремата за лична заштита како што се респираторни маски и за другите мерки потребни за исполнување на новите здравствени стандарди во покраината.

Пол Алисон, експерт за јавно стоматолошко здравје, кој предава на универзитетот МекГил, рекол дека овие трошоци значително ќе влијаат на способноста на Канаѓаните да примаат стоматолошка нега за време на Ковид-19.

Од друга страна, стоматолозите ќе имаат помалку и помалку пациенти поради дополнителните мерки на претпазливост.

Фото: Pixabay