Американскиот прехранбен гигант The Kraft Heinz Company соопшти дека потпиша договор од 100 милиони долари за купување турската компанија Assan Foods, што се занимава со производство на сосови, а е во сопственост на Kibar Holding.
Assan Foods е сертифициран производен партнер на Kraft Heinz од 2019 година и на американската компанија ѝ нуди прилика да изгради свој бизнис ширум Европа, Блискиот исток и Африка.
Kibar ја основаше компанијата Assan Foods, со седиште во Истанбул, во 1998-ма година. Компанијата има погони во два турски града и произведува најразлични видови на сосови, а вработува околу 400 лица и извезува во 50 земји во светот.
Трансакцијата би требало да се заклучи до крајот на оваа година.
Kibar holding е основан во 1972-ра година, а делува во повеќе сектори меѓу кои метална и автомобилска индустрија, пакување, градежни материјали, недвижнини, логистика, енергија, храна и услуги. Има над 20 компании, а вработува 7.000 лица.
Фото: Facebook











