Поради користењето на заштитената виолетова боја на брендот Милка на Крафт, Краш мора да ги повлече и уништи своите виолетови пакувања на ментол бонбони без шеќер, гласи правосилната пресуда на Високиот трговски суд во Загреб. Но, од Краш велат дека нема да ги повлечат бонбоните, затоа што пресудата се однесува на старата амбалажа, редизајнирана уште во 2011 година и дека нивната нова, малку поинаква виолетова амбалажа е заштитена со жиг, пишува Т-портал.
Минатата недела стана правосилна пресудата на Високиот трговски суд со која во декември 2013 година Краш беше осуден затоа што со употребата на виолетовата боја на пакувањата на Ментол бонбоните од дијабетичката програма го повредил меѓународно заштитениот жиг на корпорацијата Kraft Foods. Крафт, кој во своја сопственост го има брендот Милка и кој во Европа ја заштити својата виолетова амбалажа, уште во 2009 година го тужеше Краш. Краш тврдеше дека не го повредил нивниот жиг, а откако Крафт првиот пат изгуби на суд, се жалеше, па минатата година е пресудено во нивна корист. Судот не го прифати барањето на Крафт со кое го обвини Краш дека со бонбоните сторил дело нечесно тргување, туку е утврдена кражба на боја, односно повреда на trademark.
Сега хрватскиот кондитор треба во рок од осум дена да ги повлече од продажба виолетовите пакувања на ментол бонбони без шеќер, оние во магацините да ги уништи и да ги тргне сите виолетови траги од рекламните материјали.
Во Краш се повикуваат на традицијата и за Т-портал објаснуваат дека производите без шеќер во нивниот асортиман се преку 60 години и нивната амбалажа од почетокот била во виолетова боја.