Кредит од ЕБОР за поддршка на конкурентноста за Комерцијална банка

35

Пет милиони евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се достапни на македонските мали и средни претпријатија за подобрување на конкурентноста преку Комерцијална банка АД Скопје, стои во соопштението.

Кредитот на ЕБОР е поддржан со грант од 750.000 евра од ЕУ, доделен преку Инструментот за Претпристапна помош (Instrument for Pre-Accession Assistance  – IPA) и најмалку 60% од средствата на ЕБОР за Комерцијална банка АД Скопје, се наменети за намалување на енергијата и користење на ресурсите, како и за трошоците поврзани со нив.

“Малите и средни претпријатија (МСП) се основата на македонската економија. Согласно податоците на ЕУ, околу 80% од сите работни места во земјата се генерирани од МСП во земјата, што е високо над просекот во ЕУ кој изнесува 66%. Со овој кредит, ЕБОР има за цел да го подобри пристапот до финансирање во земјата, кој сè уште претставува предизвик. Во 2018 година, кредитни линии од оваа иста програма беа овозможени и на Шпаркасе банка Македонија и на Охридска банка“, наведуваат од ЕБОР.

Во наредниве години, Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на Западен Балкан ќе обезбеди вкупно 30 милиони евра кредитирање на македонските комерцијални банки, каде ЕУ ќе додели уште шест милиони евра грант.

Постоечката програма е надградба на претходно доделените 20 милиони евра преку Програмата за поддршка на конкурентноста, која беше активна од 2010 година до 2015 година и беше поддржана од Европската Унија, која обезбеди грант од четири милиони евра.

ЕБОР инвестира во македонската економија од 1993 година. До денес, банката има потпишано над 110 проекти во земјата, со нето кумулативен деловен обем од над 1,75 милијарди евра.