Кредитната агенција Фич го зголеми рејтингот на земјата на ББ+

27

Aгенцијата Фич го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција.

Тој додаде дека кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во една земја, и е еден од клучните индикатори кои ги земаат предвид потенцијалните инвеститори при носење на нивните одлуки.

“Ова исклучително достигнување ќе влијае на сите инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот. Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите“, рече Тевдовски.

Фич нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност.

“Се нотира дека преземените мерки како пензиската реформа, подоброто таргетирање на социјалната помош и прогресивното оданочување придонесуваат врз намалување на дефицитот. Позитивно се оценети преземените мерки за подобро управување со јавните финансии, особено повисоката буџетска транспарентност и воведувањето на фискално правило за општините“, рече советникот на министерот за финансии Рилинд Кабаши.

Фич нотира дека рејтингот ББ+ е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, како основа на долготрајниот фиксен девизен курс, како и подобрите индикатори за владеењето и човечкиот развој отколку споредливата група на други слични земји.

Понатаму, позитивната бизнис клима според извештајот на Светска банка за Doing Business е значително подобар од споредливата група на други слични земји, и поддржува динамични перформанси кај извозот и солиден прилив на странски директни инвестиции. Во извештајот исто така се коментираат и силниот раст на извозот, растот на платите, стабилните девизни резерви како и банкарскиот сектор, кој е релативно добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.