Кризата ништо не им може на потрошувачките и станбените кредити

38

Во ноември, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа раст од 0,1% и 1,1%, на месечно ниво, соодветно и од 7,7% и 13,6%, на годишно ниво, соодветно, покажуваат податоците на Народна банка.

Автомобилските кредити бележат месечен раст од 2,1%, додека на годишна основа се намалени за 7%. Овој месец, пад по двете основи е забележан кај кредитите одобрени на кредитни картички за 1,7% и 4,8%, соодветно. Во ноември, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е остварено месечно намалување од 0,5% и 0,7%, соодветно, како и годишен пад од 8,5% и 6,6%, соодветно.

Во ноември, вкупните депозити се зголемија за 1% на месечна основа, главно како резултат на повисоките депозити на корпоративниот сектор, при зголемување, но поумерено, и на депозитите на секторот домаќинства. На годишна основа, депозитниот раст изнесува 6,3% и се должи на растот на депозитите кај двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.

Вкупните кредити, во ноември, забележаа месечен пад од 0,2%, којшто во услови на раст на кредитите на домаќинствата, во целост произлегува од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, кредитниот раст изнесува 5,4% и е резултат на повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е поизразено кај секторот домаќинства.

Во ноември, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат раст на месечна основа од 3,6%. Промената во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал, но позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари. Годишната стапка на раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 10,2%, главно поради зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор остварија месечно намалување од 0,7% целосно заради падот на кредитирањето во денари, при мал раст на кредитите одобрени во странска валута. Споредено на годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор бележи раст од 2,5%, којшто произлегува од растот на кредитите одобрени во странска валута, во услови кога кредитите во денари бележат намалување.

Овој месец, вкупните депозити на домаќинствата остварија месечен раст од 0,4%. Растот во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, при раст и кај останатите компоненти, со исклучок на долгорочните депозити во денари коишто забележаа пад. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се зголемени за 5,4%, што главно се објаснува со повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при забележан пад кај останатите компоненти.

Во ноември, вкупните кредити на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,2% и 8,3%, соодветно. Притоа, на месечна основа, кредитирањето на домаќинствата во странска валута е поголемо од кредитирањето во домашна валута, додека на годишно ниво придонесот на кредитирањето во денари е поголем во однос на кредитирањето во странска валута.

Фото: Freepik