
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ објави нето загуба од 1,072 милијарди евра за третиот квартал, што е продолжение на кризата што го тресе овој гигант во автомобилската индустрија.
Во првите девет месеци, нето добивката на VW Group се намали за повеќе од 60 проценти на 3,4 милијарди евра од 8,8 милијарди евра една година претходно, оптоварена со трошоци од 7,5 милијарди евра.
Тие вклучуваа американски царини, промени во стратегијата за производи на Porsche и нарушување на репутацијата во единицата за спортски автомобили, изјави главниот финансиски директор Арно Антиц. Само прилагодувањата и отписите поврзани со Porsche учествуваа со 4,7 милијарди евра од вкупното влијание.
„Нето паричниот тек во 9-те месеци од 2025 година беше за 47 проценти помал во споредба со претходната година поради помалиот паричен тек од оперативните активности, вклучувајќи ги и паричните одливи поврзани со американските тарифи и стекнувањето дополнителни акции на Ривиан“, се вели во соопштението.
Растот во Јужна Америка (+13 проценти), Западна Европа (+4 проценти) и Централна и Источна Европа (+11 проценти) повеќе од компензираше со очекуваните намалувања во Кина (-2 проценти) и Северна Америка (-11 проценти).
„Во првите девет месеци од годината, видовме мешана слика. Од една страна, тука е пазарниот успех на нашите возила со мотори со внатрешно согорување и електрични возила, како и добар напредок во реструктуирањето. Од друга страна, финансискиот резултат е значително послаб во споредба со претходната година“, објасни Антиц.











